[MK-EDU] А3. Именски простори, шаблони

Dimce Grozdanoski dimce.grozdanoski at gmail.com
Sat Mar 16 11:47:14 UTC 2013


Здраво на сите,

Повеќе училишта пројавија интерес за работа на википедија а некои и 
започнаа со средување на своите страници на википедија. Видете детален 
список на http://mk.wikipedia.org/wiki/Википедија:ВПСУ

Во некои од претходните пораки на оваа мејлинг листа имавме и најави за 
формирање на вики секции во училиштата: во Моша Пијаде - Тетово, Ѓорче 
Петров - Прилеп, Димитрија Чуповски - Велес и други.

ОУТУ „Ванчо Питошески“ - Охрид, започна и со свој вики проект на 
Википедија: http://mk.wikipedia.org/wiki/Википедија:ОХВП

Веднаш зад нив се и учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ - Прилеп, кои сеуште 
не започнале со својот вики проект но се активни со уредување на Википедија.

== Именски простори ==

Википедија е поделена на неколку именски простори:

- Главен именски простор, во кој се сместени енциклопедиските содржини
- Кориснички именски простор, во кој се сместени корисничките страници 
на корисниците кои имаат отворено корисничка сметка на Википедија
- Шаблонски именски простор, во кој се сместени најразновидни шаблони
- Медијавики именски простор, во кој се сместени системски содржини
- Википедија именски простор, во кој се сместени страниците за 
координација на проектот
- Помош именски простор, во кој се сместени вики-страниците кои содржат 
напатствија за работа со Википедија.

Постојат и други именски простори на википедија, но овие се најважните.

Секој именски простор оди во пар со својот именски простор за Разговор, 
каде се сместени станиците на кои корисниците дискутираат за темата која 
е на страницата. За секоја страница има придружено страница за разговор.

== Шаблони ==

Шаблоните се специјални страници во кои е сместена содржина која што 
може да биде вклучена во останатите страници на википедија со едноставно 
наведување на нивното име. Пример ако имаме креирано шаблонска страница 
на википедија {{Шаблон:Градови во Македонија}}, во која во форма на 
список по азбучен редослед се наведени сите градови во Македонија, тогаш 
доколку имаме потреба овој список д аго вклучиме во некоја друга статија 
доволно е да го наведеме името на овој шаблон на местото каде сакаме да 
го вметнеме овој список, името на шаблонот треба да се наоѓа помеѓу 
затворени големи загради, т.е. {{Градови во Македонија}}.

На википедија постојат голем број на шаблони, со најразлична содржина и 
за најразлична намена. Едни од најупотребуваните шаблони се шаблоните 
кои корисниците ги користат на своите страници за да им покажат на 
другите корисници со кои јазици владеат. Називите на тие шаблони се: 
{{Корисник en-N}}, {{Корисник en-4}}, {{Корисник mk-N}}, {{Корисник 
mk-4}}, {{Корисник sq-4}}, ... со овие шаблони се наведува дека 
корисникот има познавања на одредеи јазици, пример од англискиот јазик, 
нивото на познавање на јазикот се наведува пример со N - мајчин јазик, 4 
- го зборува јазикот на ниво на мајчин јазик, 3 - доста добро го зборува 
јазикот, ..., при што се користи меѓународна ознака за јазикот, en - 
англиски јазик, mk - македонски јазик, sq - албански јазик, sr - српски 
јазик, tr - турски јазик, fr - француски јазик, ...

Постои и шаблонот {{babel}} кој ги обединува погоренабројаните шаблони, 
така ако наведеме {{babel|en-3|mk-N|sr-3}} ни означува дека корисникот 
има познавање од англискиот, македонскиот и српскиот јазик.

== Разговори ==

Страници за разговор се придружени на секоја страници во било кој 
именски простор. Страниците за разговор во главниот именски простор 
служат за дискусија на корисниците поврзана со поимот за кој е напишана 
статијата. Страниците за разговор во корисничкиот именски простор служат 
за разговор со корисникот.

Секој коментар на страниците на разговор се потпишува со --~~~~, кој 
системот при запишување во базата го преведува како време кога е даден 
коментарот и корисничко име на корисникот кој го дал коментарот.

== Практична вежба ==

Оние училишта кои веќе имаат формирано вики-секција и имаат желба за 
работа на википедија, потребно е:

Чекор 1.

Секој ученик - член на вики секцијата доколку сеуште нема своја 
корисничка сметка, да се регистрира со своја корисничка сметка.

Чекор 2.

Секој ученик, на својата корисничка страница:
- со неколку реченици нека го изрази својот интерес за википедија. 
Пример кои теми најповеќе го интересираат, во кои случаи најповеќе ја 
користи Википедија, ...
- да го употреби шаблонот {{babel}} со наведнување на јазиците од кои 
има познавање. Пример {{babel|mk-N|en-3}}

Чекор 3.

Секој ученик нека напише порака на страницата за разговор на барем еден 
свој соученик. Пример во форма на „Здраво, добредојде на википедија. --~~~~“

Чекор 4.

Секој ученик кој добил порака од свој соученик нека одговори на неговата 
страница за разговор со соодветен коментар, кој обавезно треба да се 
потпише со --~~~~

Чекор 5.

Секој ученик нека се обиде да пронајде некоја печатна или граматичка 
грешка во веќе постоечка статија на википедија.

Откако ќе ја воочи грешката на страницата за разговор на таа статија 
нека ја опише истата грешка и нека замоли некој поискусен википедијанец 
истата да ја исправи.

Пример ако забележал дека има испуштено некоја буква во зборче нека 
запише „Здраво, јас сум нов на википедија, но забележав дека во вториот 
параграф испуштена е буквата „а“ во зборчето „Мкденоја“, молам некој 
поискусен википедијанец да ја исправи грешката. Поздрав. --~~~~“

Нека ја набљудува таа страница и на наредниот час да извести дали 
воочената грешка некој ја поправил, дали добил одговор на неговата молба 
и дали смета дека одговорот е коректен.

====

Поздрав,
Димче Грозданоски




More information about the MK-EDU mailing list